Кога збориме за астрологија, прва асоцијација ни е хороскоп (дури и оној на дневно ниво), па Јупитер, па кој е жител на Марс, а кој на Венера, па планети, па ѕвезди, предвидување, полиња, трето око, судбина, овозможи го невозможното и низа познати и помалку познати астролошки откритија
А во оној момент кога ѝ приоѓаме не толку површно на астрологијата, гледаме уметност при проучување на човечкиот карактер и енергијата со која владее, дисциплина која ни дава одговори и насоки, но и уметност во можноста да ѕирнеме во иднината и да дознаеме што не очекува.
Токму така, ова е уметност.
Подеднакво како што и модата е уметност на креативниот ум.
Движечка сила на визионерите.
Страст за уживање во сопственото тело и појава.
Привилегија на нашето секојдневие.
Астрологијата е далеку посложена и покомплексна од податокот дека некој е роден во хороскопски знак на Вага или Водолија. Многу повеќе од податокот дека Девиците се педантни и точни – а ќе сретнете многу кои не се. Дека Рибите се тивки и повлечени – каков трик!. Но знае да биде и крајно инспиративна и забавна.
Онака како што точното време на раѓање детерминира раѓање на натална карта, настан, идеја, така и поставеноста на полињата и планетите во таа натална карта ни зборат за правецот во кој е насочено вниманието, правецот во кој се движи енергијата на еден ентитет, како и начинот на кој таа енергија се покажува.
Астрологија и мода
Апсолутно – ДА
Како што астрологијата постои откако постоиме и ние, така и модата постои од самиот момент кога човекот посакал да привлече внимание, да изгледа убаво, да се грижи за себе.
Кога збориме за астрологија и мода, збориме за описи и параметри во кои многумина ќе се пронајдат, но многумина и нема. Ова го напоменав поради неизбежната потреба да се генерализираат потребите и стилот повикувајќи се на хороскопските знаци, и да се сведе во неколку параграфи еден опис кој е далеку поопширен од набројувањето на самата природа на претставниците.
Дванаесет хороскопски знаци – секој посебна приказна за себе, а секоја приказна на свој начин ќе ни раскаже за карактерот, природата, карактеристиките и предиспозициите на една личност.
Дванаесет различни личности, карактери, секој со свои особини и специфичен однос спрема животот, настаните, модата… Секој на различен начин привлекува внимание, некој воопшто и не чувствува потреба за тоа.
Дванаесет полиња кои претставуваат дванаесет животни области дополнувајќи го мозаикот на оваа уметничка творевина.
Подзнакот – кој укажува пред сè на физичкиот изглед, првиот впечеток, метафорички, па и буквално „гардеробата“ која личноста ја носи.
Планетите – носители на астролошката приказна низ која ја согледуваме улогата која ни е доделена. Да, сите ние имаме улога додека постоиме, па планетите ни помагаат да ја препознаеме сопствената и во зависност од тоа колку се поволно поставени, нашата улога ќе биде блескава или просечна.
Велат стилот е дел од нашиот карактер
Репрезент на она што сме.
А модата во случајов би била постулат на стилот… или карактерот.
А астрологијата го изучува меѓудругото и карактерот на поединецот.
Од моето досегашно искуство сметам дека најверодостоен податок и информација за детектирањето на нечиј стил и моден правец може да добиеме поаѓајќи од подзнакот како основна точка во секоја натална карта.
За оние кои сакаат предизвик:
Нека се обидат го достигнат маѓепсникот Нептун, а со него и Рибите… доколку можат. Ова небесно тело и знак се симбол на трансформација, опојни парфеми, јака шминка, но и симбол на тајна – па оттаму вел, оттука потреба за затскривање – под маска, свилени чорапи, сатенски ракавици, фасцинантна долна облека… Претставничките под влијание на овој маѓепсник се заносни заводнички, од кои здивот запира. Оние незаборавни дами кои во сенка на успешната кариера и диктирањето на модните трендови кријат паралелен свет, па затоа и сè недостижни.
Доза гламур, луксуз и екстраваганција – гледате во Лав… Барајте претставник на Сонцето. Ќе најдете доминација и уживање во сопствената појава. Тие ќе ве научат пред сѐ да се сакате себеси, да го сакате својот одраз во огледалото, да не прашувате за цена кога е во прашање вашиот изглед, а и да знаете како да го носите секое парче гардероба.
Естетика, префинетост, елеганција во движење – тоа се Вагите. Тоа се истите оние кои се огледуваат во секој можен простор што има рефлексија на огледало или потсетува на огледало… Не затоа што се сомневаат дека не изгледаат добро, туку… побогу, да видат и другите . Ова се оние претставници кои не се толку опседнати со доетрување како што повеќето мислат, туку на самиот момент да биде уважен нивниот труд околу тоа
За оние кои сакаат да ја разберат астрологијата:
На Огнените претставници (Овен, Лав и Стрелец) покрај непоправливата самоувереност, ентузијазам и желба да се привлече внимание не може да им се оспори и фактот дека се апсолутни лидери, па дури и во светот на модата.
Претставиците на воздушниот елемент (Близнаци, Вага и Водолија) покрај желбата за „играње“ со модните детали, екстравагантноста, мора да им се признае информираноста за последниот тренд, секогаш во тренд, секогаш во тек, но со истенчен вкус за одење во екстреми.
Родените под влијание на земјениот елемент (Бик, Девица и Јарец) беспрекорно внимаваат на деталите, уредноста, но најмногу на негата на она што природно им припаѓа, без истакната потреба за експонирање, но водење сметка на модните додатоци кои во нивната перцепција за убавина се задолжителни.
Хиперсензибилните и магнетични претставници на водата (Рак, Скорпија и Риби) се оние уметнички души кои креираат, создаваат, уништуваат, возобновуваат, поставуваат темели па потоа ги разнишуваат и слично во низата одење од крајност во крајност. Но она што е впечатливо кај нив е токму упорноста да не ги следат слепо постоечките трендови.
За оние кои сакаат да учат:
Важна е природата на хороскопскиот знак и подзнакот.
Хороскопскиот знак Девица кој ни збори за начинот на облекување.
Хороскопскиот знак Вага како показател за мода и естетика.
Шестото поле (начинот на облекување) и десетото поле (имиџот) од наталната карта…
Честопати нагласени кај естрадните личности чиј стил и појава доаѓаат во прв план.
Венера – без убавината на Венера нема ни мода,
Уран – иницијаторот на промени и смелост за експериментирање.
Венера во комбинација со Месечината ни збори за личниот однос кон физичкиот изглед.
За оние кои можеби ги збунив
Транзитните планети или нивното патешествие низ еден знак во одреден временски период низ годините, исто така влијае на промените во светот на модата, во промените на стилот, особено на глобално ниво кои можат и историски да се проследат.
Во ова посебно се истакнува движењето на гореспоменатиот иницијатор Уран, кој е задолжен за промени во времетраење од 7 години (колку што му треба да помине од еден знак во друг) предизвикувајќи значителни осцилации во модните правци, како отфрлањето на претесните корсети во време кога Уран на пример транзитирал низ Водолија (20тите години). Следна евидентна промена е за време на престојот на Уран во хороскопскиот знак на Вага (70тите години) кога на еден симпатичен начин доаѓа до изедначување на машката и женската мода (слична должина на коса, звонарки, џинс и сл.) – сосема типично за споменатиот знак.
Астрологијата како моден предизвик.
Дека астрологијата стана предизвик и за создавачите на убавина во светот на модата збори и колекцијата чевли на Кристијан Лобутин посветена со дизајн за секој хороскопски знак поединечно, внимавајќи на природата на претставниците на истите знаци, како и едиторијалот за модниот магазин Вог посветен исто така на секој астролошки знак во кој фотографот Tim Gutt и моделот Siri Tollerod на извонреден начин се „поиграа“ соединувајќи ги астрологијата и модата.
Разубавувајте се во петок.
Одете на шопинг во петок, евентуално во четврток.
Избегнувајте ги вторник и сабота како денови во кои би инвестирале во сопствената убавина.
Салоните за убавина отворајте ги во петок.
Преговарајте за убавина во среда.
Некои модата ја следат, а некои ја воведуваат и создаваат.
Така е и со астрологијата.
Мудриот човек управува со ѕвездите, додека следбениците им се покоруваат…
Ве сака Тамара до Јупитер.
Извадок од интервју на тема: „Астрологија и мода“