Што е Астрологија?

Древна дисциплина што се занимава со проучување на влијанието на силите во космосот (чијшто извор се небесните тела), на поединецот, природата и општеството. Низ историјата се развивала заедно со човештвото и настаните кои го следеле, па така Астрологијата станува небесен јазик на симболите. Во минатото имала статус на кралица на сите науки (што и денес се огледува во фактот дека во своите истражувања комбинира и поврзува голем број на други науки) и не секој имал привилегија да ја изучува и применува.

Астрологијата може значително да му помогне на човекот во неговиот духовен развој и со тоа да му даде подобар увид во сопствените модели на однесување со помош на одредени планетарни состави и движења, кои нам ни се познати и како животни околности. Иако многумина акцентот го ставаат токму на можноста за гледање во иднината, Астрологијата не би требала да се темели само на прогнози и погодување, иако од суштинско значење за Астрологијата и Астрологот како поединец, е успешното поврзување на настаните кои нѐ очекуваат, како и историјата на точните прогнози. Зборуваме за учење што е далеку посериозно, покомплексно и подлабоко од површниот начин на перцепција.

Астрологијата не е фатализам, туку начин да го избегнете истиот!

Одењето во крајност не е препорачливо во ниту една ситуација, а најмалку кога станува збор за Астрологија. Астрологијата навистина може да биде од помош во спречување на непромислени и избрзани одлуки со чии последици не сте подготвени да се справите, но истовремено не може без ваша сопствена волја и иницијатива ништо да се смени. Не очекувајте подобрување ако не сте се поместиле ниту чекор напред и не работите на себе си. Не очекувајте промени ако седите со прекрстени раце, постојано се жалите или за својот личен неуспех ги обвинувате другите. 

Во ниту еден астролошки учебник, книга, прирачник, па дури и во хороскоп во весник или списание (што е исклучиво од забавен карактер) нема да сретнете совети од типот: „денеска е прекрасен ден да нанесете некому зло“ или „денеска е совршен ден да го ставите целиот имот на игри на среќа“, или „одличен ден да растурите нечиј брак“ или каков било друг повик на агресија, неверство, нечесност, богохулие… Не барајте во Астрологијата добитни броеви за лото или точна спортска прогноза со кои преку ноќ ќе се збогатите. Астролошките анализи, учења и истражувања врз основа на однапред детерминирана слика во космограмот, нудат насоки со кои може да се влијае, и ни помага во голема мера да си го направиме животот полесен. Но исто така треба да знаете дека во тој случај фаталистичките убедувања носат со себе сериозен недостиг од увид во реалноста, па така, искривените очекувања или злоупотреба на астрологијата за злонамерни цели нема никому да помогне, и во голема заблуда сте ако тоа го очекувате.

Астрологијата не исполнува желби!

Кога барате астролошка анализа треба навистина да бидете подготвени да слушнете и нешто што не соодветствува со вашата идеологија и животна филозофија. Сите ние за одредени сегменти во животот замижуваме пред реалната слика, но не може да очекувате таква реакција и од астролошките претставници. Непријатните лекции и искуства ги доживуваат сите, некој порано, некој подоцна. Интензитетот и процесот на индивидуалната еволуција е она што нѐ разликува од останатите индивидуи, па така, астролошките анализи и совети не се за секој поединец еднакви. И самиот астролог се соочува со неповолности и осцилации во својот живот, па нема моќ да ги нареди планетите во своја полза или наместо него да решат негов проблем.

Најклучната страна на Астрологијата, всушност, не е во дефинирање и ограничување на нештата, туку во предноста што ни овозможува навремено да ги запознаеме, реализираме и максимизираме личните потенцијали, како и да ги отстраниме сопствените блокади.

Астрологијата не е ништо повеќе од знаењето за една генеза, ништо повеќе од психолошко знаење за потребите кои живеат во еден ентитет, ништо повеќе од познавањето и толкувањето на симболите, знаците и нивната енергија. 
Најважно од сѐ, Астрологијата е нивна синтеза и практична и мудра примена… 

Ве сака Тамара до Јупитер…