Позитивни и негативни страни на хороскопските знаци

Не постојадобри или лоши планети.

Не постојат добри или лоши знаци

Постојат претставници кај кои преовладува природата на позитивната страна, или пак негативната страна на хороскопскиот знак.

Секој хороскопски знак во својата природа носи позитивни и негативни карактеристики. Секој хороскопски знак си има и своја планета владетел, па така врз основа на поставеноста на планетата која владее со вашиот знак се извлекува заклучок дали личноста ги превзема позитивните или негативните страни од природата на знакот.

*Имајте предвид дека основата на хороскопскиот знак е само еден мал дел од човечкиот карактер.За да се процени комплетната слика за една личност потребни се покомплексни анализи, како што се анализа на наталната карта, астро-психолошки профил и сл.

ОВЕН

Позитивни страни: Енергични, полни со живот, спонтани и брзи. Многу брзи. Едноставни и природни. Поседуваат фасцинантна упорност и снага со која инспирираат. Брутално реални, брзо реагираат, бргу се лутат, но исто толку кратко им трае и лутината. Ќе ги „изврескаат“ своите 5 минути и сѐ е повторно по старо. Бестрашни и иницијативни. Реалисти и идеалисти. Личност која зад себе остава трага, но никогаш назад не се враќа. Истовремено и „утре“ им е далеку. Мразат формалност и секаков завиен облик на комуникација. Страствен бунтовник. Страствен љубовник. Со овој претставник никогаш нема да ви биде здодевно.

Негативни страни: Овие претставници се родени лидери кои освен својот одраз во огледалото – друг не забележуваат. Не се склони да се прилагодуваат, а од другите тоа го очекуваат. Силовито амбициозни до степен да во секого гледаат противник и ривал. Нетактични. Ужасно нетолерантни. Истакната препотенција и агресивност. Никогаш не признаваат кога грешат. Никогаш помош и мислење не бараат. Склони да ги тиранизираат оние кои ги сакаат сметајќи дека имаат полно право на тоа.

Планета која владее со Овен е Марс.

БИК

Позитвни страни: Ако некој знае да ужива во овоземните задоволства, тоа се токму Биковите. Ова се оние ликови покрај кои секогаш ќе се чувствувате заштитено и удобно. Константни, истрајни, топли, цврсти, безгранично трпеливи. Внимавајте, нивниот праг на толеранција е огромен – ама затоа, тргајте им се од пред очи ако го надминете. Конструктивни, практични, коректни, брилијантни умови кај процеси кои бараат време и истрајност. Никогаш нема да ви вети нешто што нема да го исполни. Суд донесува исклучиво на сопствено искуство без надворешни влијанија. Сензуална, но и длабоко сензитивна личност.

Негативни страни: Спорост, преистакнат комформизам и уживање во истиот. Непроменливи, неадаптибилни, неретко мрзеливи. Финансиите им играат пресудна улога. Претерано увредливи, непопустливи, ненаситни, понекогаш лакоми… Тешки… Доста тешки. Склоност на бруталност и агресија во гнев, ретко афектни, но затоа гневни… Посесивни за сѐ што е нивно. Долго држат лутина. Притаен снобизам. Тврдоглави до бескрај…

Планета која владее со овој знак е Венера.

БЛИЗНАЦИ

Позитивни страни: Дете заробено во тело на возрасна личност. Дете кое до последно не сака да порасне. Дете на кое секогаш му е „рано“ за обврски. Немирни, темпераментни, пргави, итри, весели, шармантни, духовити, забавни… Носители на море од информации. Брилијантни умови. Брзи умови. Личност која ужива да учи. Личност која ужива да подучува. Секогаш спремни за акција. Секогаш спремни за промена. Секогаш со решение за проблем. Секогаш со план „Б“. Неуморни, динамични, ментално и интелектуално супериорни. Разум и рацио редовно посилни од емоциите.

Негативни страни: Површни, недоследни, непостојани, недоволно истрајни, лукави, нетрпеливи и нервозни. Честопати променливо расположение, склоност на интриги, прикривање. Брзо се досадуваат, несигурни. Немаат проблем да излажат ако им е тоа потребно да стигнат до својата цел, како и да искористат некого за истата. Зборат. Зборат до бескрај. Склони на озборување, честопати несвесно. Знаат да бидат цинични и неискрени.

Планета која владее со овој знак е Меркур.

РАК

Позитивни страни: Човек најмногу го дава она што најмногу му недостига. Ако некој дава неизмерно љубов – тоа се Раковите. Тука збориме за непоправливи романтици, вечни трагачи по доживотна љубов. Оние ликови кои ги „гушат“ со љубов оние кои ги сакаат. Личности со проклето добра меморија која во секаков облик реципрочно ја применуваат. Кога гледате во еден Рак, гледате во мајка, смејство, корени, генетика, најдлабоки емоции, силна интуиција, сензитивност – честопати претерана. Склоност да развиваат емоции и емпатија со секој за кој чувствуваат сожалување.

Негативни страни: Пречуствителни, во секој добронамерен совет гледаат критика. Во брдо изобилие ќе најдат нешто да им недостига и да го жалат. Истакната потреба да се враќаат во минатото и да го преживуваат додека не им се смачат на најблиските. Презависни од семејната структура. Поседуваат колекционерски дух. Општо склони кон љубомора и посесивност. Кога не им е добро, без проблем го пренесуваат тоа на сите кои први ќе им се најдат на патот. Емоционални тирани.

Овој хороскопски знак е под владение на Месечината.

ЛАВ

Позитивни карактеристики: Оној момент кога Творецот решил да ги заштити послабите – го создал Лавот. Ова е дете на Сонцето. Ова е дете кое до последен здив на животот му се радува. Ова се сите оние кои светот на дланка ќе го подарат на оние кои ги сакаат. Храбри, весели, шармантни, безрезервно великодушни. Ова се позитивно независни ликови. Ова е крал и ова е секогаш кралица. Вистински и бестрашни лидери. Лидери во секоја смисла на зборот. Ретко се ова слаби луѓе. Уште поретко својата слабост би ја покажале. Луѓе кои тежнеат кон цврсти односи и цврсти пријателства. Луѓе на кои ретко можете да останете рамнодушни.

Негативни страни: Самобендисани, помпезни, егоисти, еготисти, егоцентрици со константна потреба за аплаузи, овации, пофалби, самопотврдување. Препотентни и арогантни. Догматични и драматични. Ја гледа само големата слика, ситниците не ги ни забележува, па често остава впечаток дека е незаинтересиран за се околу себе. Жестоки и импулсивни… Понекогаш деспоти. Склони на преценување на сопствените квалитети и омаловажување на туѓите.

Овие претставници се под владение на Сонцето.

ДЕВИЦА

Позитивни страни: Оној момент кога Творецот решил да воведе ред и дисциплина, оној момент кога сфатил дека целото знаење на светот треба да биде пренесено – ја создал Девицата. Ова се сите остроумни, вешти, истрајни, педантни, непоправливи префекционисти кои мислат дека и три животи им се малку за да научат сè. Ова е личност која од незнаење се срами. Ова е личност која од немање се плаши. Ова е личност која од сè учи. Ова е личност која во сè бара поука и порака. Ова е подвижна енциклопедија. Ова се оние претставници кои најлесно ги читаат „знаците покрај патот“.

Негативни карактеристики: Премногу истакнат критицизам, уште понагласен скептицизам, како во своите емоции, така и во туѓите. Честопати поради фокусот на ситниците се губи во реалната слика. Кога е незадоволна една Девица редовно ги потенцира негативните страни на оние кои и пречат. Робови на кариерата во која често наоѓаат замена за емотивното студенило. Никогаш нема да признаат дека и самите се гушат во претераното анализирање.

Планета владетел на Девиците е Меркур.

ВАГА

Позитивни карактеристики: Кога Творецот решил да го разубави светот, таа задача ја доверил на Вагата. Кога збориме за Вага, збориме за оние луѓе кои убавина за восхит во сè може да пронајдат. Ова се потомци на сè што тежнее кон луксуз, екстраваганција, елеганција, чиста убавина. Дури и да не се уметници, ова се луѓе кои ќе се погрижат својот свет да го украсат, па со тоа и луѓето во него. Ова се оние ликови кои никогаш рацете нема да ги извалкаат. И метафорички и буквално. Ова се непоправливи емотивци кои ужасен страв од самотија во себе носат. Истакната префинетост, отменост, истенчен вкус. Ова е естетика и љубов, но онаа љубов која не признава маани. Ова се луѓе кои туѓите маани во совршенство ги претвораат.

Негативни страни: Иритантна неодлучност. Опсесивна зависност да се биде во емотивен однос. Морална и емотивна настраност. Склоност сопствените грешки да ги префрлат на друг. Не сакаат обврски и одговорности. Истакната тенденција да ги преувеличуваат сопствените проблеми. Често го потенцираат сопственото незадоволство и апатија која е составен дел од нивното секојдневие. Често се ова суетни и разгалени деца.

Планета владетел на овој знак е Венера.

СКОРПИЈА

Позитивни страни: Кога гледаме во една Скорпија, гледаме во непобедлива волја, нескротлива енергија, фасцинантен магнетизам, еротски магнетизам, несовладливо либидо… Кога гледаме во една Скорпија гледаме во витез, воин, волја да се победи, да се истрае. Гледаме во непокорлив лик кој до коска знае да сака, но и за миг да ве отсака. Јака психичка енергија, силна концентрација и уште посилна контрола над сопствените сетила и нагони. И верувајте, многу добро знаат вашата намера да ја проценат, па вие слободно играјте се со оган Силна внатрешна дисиплина, дух кој создава и остава зад себе трага.

Негативни страни: Одмаздољубиви, себични, опсесивно љубоморни, завидни. Ликови кои кога ја губат контролата над настаните без проблем ќе ве повлечат да тонете со нив. Автодеструктивни садисти. Никогаш не ги бираат средствата до својата цел, бидејќи е само нивна. Притаена љубов за моќ и власт над која се случува да изгубат контрола. Немилосрдни, неповерливи и крајно параноични. Не им е проблем да ги злоупоребат информациите кои им се кажани во доверба…

Планети кои владеат со овој знак се Марс и Плутон.

СТРЕЛЕЦ

Позитивни страни. Кога гледаме во еден Стрелец, гледаме во непоправлив оптимизам и ентузијазам. Гледаме во една интелектуална идила, широк ум, личност полна со разбирање. Личност која несвесно повлекува еден куп луѓе во својот живот. Ќе видите очи полни со вера, искри од истите и непресушна жед за мудрост. Нескротлив дух и волја да таа мудрост се пренесе. Непрекидна динамика, слободољубие, смелост и довитлив смисол за хумор. Ова се оние ликови за кои чашата е секогаш полу-полна… Ова се сите оние кои умеат да се радуваат. Ова се сите оние кои и на туѓ успех се радуваат. Ова се миленици на Универзумот.

Негативни страни: Површност и незаинтересираност за туѓите животи. Често индолентни и инфериорни во однос на другите. Темната страна на овие претставници се најиритантниот облик на цинизам, иронија, сарказам, непрактичност и неистрајност. Недостиг од сочуство во момент кога сакаат своето мислење да го кажат. Сирова нетактичност со која свесно и несвесно повредуваат. Често самодоволни и безобразни. Склони да мудруваат и солат памет и кога тоа од нив не е побарано. Брзо менуваат мислења и одлуки. Неретко непоправливиот оптимизам и наивност ги вовлекуваат во неволји.

Планета која владее со овој знак е Јупитер.

ЈАРЕЦ

Позитивни страни: Кога доаѓа ред нештата реално и објективно да се согледаат, таа задача е препуштена на Јарците. Од сите знаци во зодијакот, кај Јарецот најмногу преовладува желбата нештата да бидат спроведени на дело. Ова се сите прерано созреани деца. Тука имаме трпение и истрајност во изобилие. Тука имаме методичност, прецизност и стручност во секоја област (дури и кога не се стручни знаат да остават впечаток дека се). Тука имаме и една необјаснива способност да се истрае и преживее секаков тежок облик на животно искушение. Ова се личности кои разумно располагаат со своето време и не се „трошат“ бесцелно онаму каде што направиле проценка. Ова се лојални и константни личности…

Негативни страни: Непопустливост, строгост, крутост, воздржаност и калкулативност. Духовно сиромаштво и истакнат комплекс на високи вредности. Преоптеретеност со туѓото мислење. Осаменици со слабо расположение. Индивидуалисти кои мислат дека сами можат сè, притоа потценувајќи ја и негирајќи ја туѓата помош. Неретко свирепи и деспотски настроени. Склони да одржуваат лажни односи само за да светот не ги обвини дека не успеале во тоа. Склони се на потенцирање на статусот и кариерата на сметка на емотивната и духовната испразнетост.

Планета владетел на овој знак е Сатурн.

ВОДОЛИЈА

Позитивни карактеристики: Ова е една одважна генетика. Ова се оние деца кои сами го бираат својот пат. Ова се оние ликови кои наоѓаат разбирање за секого. Ова се оние ликови кои на туѓ интелект се восхитуваат затоа што се свесни за широчината на својот. Ова се сите оние кои уште во младоста се бунтуваат против формите, обрасците и сè она што во нивни очи им ја ограничува комоцијата и слободата. Кога Творецот мислел на идеја – ја подарил на Водолијата за таа ја слави. Ова се брилијантни умови кои во секунда ќе ви ги проценат намерите. Ова се вљубеници во љубовта, ова се вљубеници во сè она што на другите им е далечно, чудно, необјасниво…. Ова се луѓе кои имаат љубов за сите. Ова се добри пријатели.

Негативни страни: Непостојани, склони на пренагло менување расположение и одлуки. Недостижни, студени и окрутни доколку им се направи притисок (а притисок може во секаква ситница да препознаат). Нервозен и раздразлив интелект. Претерување во сопствено убедување. Не слушаат никого. Склони кон наметнување на сопствената волја. Во налет на зачувување на сопствената слобода избегнуваат обврски и нагло напуштаат. Кога ќе почуствуваат дека немаат контрола над нештата и луѓето, први си одат. Ексцентрични и крајно контрадикторни личности.

Планети кои владеат со Водолија се Сатурн и Уран.

РИБА

Позитивни страни: Кога Творецот мислел на безусловна, љубов, мислел на Рибите. Непоправливи идеалисти кои во сè препознаваат емоција. Лица кои тагата со само еден поглед и збор ќе ви ја почуствуваат. Хиперсензитивни креативци кои самотијата ги плаши повеќе од сè. Токму во тој страв толерираат неквалитетни односи и луѓе. Лица со длабоки импресии, длабоки емоции, длабоки доживувања неретко необјасниви и за нив самите. Покорни и бескрајно попустливи за оние кои ги сакаат. Интровертни, но истовремено конспиративни и доверливи. Кај никого нема да препознаете толку емпатија, сожаливост, милосрдие и благодарност како кај овие претставници.

Негативни страни: Конфузност, дезориентираност, изгубеност, заборавност, илузија… Истакната склоност кон неприфаќање на реалноста и стварноста. Лековерни, пасивни и прилилчно поводливи. Во налет на разочараност знаат да се повлечат во комплетна изолација без притоа да дозволат било кој да им помогне. Знаат да бидат превртливи, необјасниво променливи, подмолни. Честопати си умислуваат улога на жртва која од нив не е побарана. Ова е најтврдоглавиот претставник во зодијакот.

Планети кои владеат со Риби се Јупитер и Нептун.

Ве сака Тамара до Јупитер.

Колумна на тема: „Позитивни и негативни страни кај хороскопските знаци