Ретрограден Меркур
Ретрограден Меркур 26.09.2021 – 19.10.2021
Движењето на планетите во сончевиот систем игра посебна улога.
Сите планети, вклучувајќи ја и Земјата, се движат околу својата замислена оска, и сите заедно се движат околу Сонцето. Меѓутоа, брзината на движењето на планетите и околу сопствената оска и околу Сонцето е различна, па се случува поради таа разлика, дел од планетите да „заостанат“ и набљудувано од Земјата да делува како да се движат наназад.
Планетите реално не може да се движат наназад, но поради разликата во брзината на нивното движење тоа на набљудувачите така им делува.
Оваа состојба на движење и во Астрономијата и во Астрологијата се дефинира како ретроградно движење опозитно од нормалното движење кое се нарекува директно.
Освен Сонцето и Месечината, сите планети во сончевиот систем во различни интервали и различно време на траење се движат ретроградно во рамките на една календарска година.
Кога збориме за ретрограден Меркур, збориме за една состојба каде што се случува една колективна успореност на сѐ она што е во симболиката и природата на оваа планета и знакот во кој моментално се наоѓа.
Меркур е ретрограден секоја година по три пати во времетраење од 3 недели во различни временски интервали.
Примарната функција на Меркур е размислување комуникација и координација.
Меркур владее со сѐ што е поврзано со проток на информации, сообраќај, дописи, интернет, трговија, вештина на говор, моќ на убедување, пишување, млади луѓе, концентрација, документи, важни потписи, посредување…
Кога Меркур се движи директно, заслужен е за брзата перцепција, добрата логика, аналитичен ум, истакната ментална активност, непречен проток на информации и комуникација.
Кога е во ретроградно движење, Меркур носи успореност во комуникација, попреченост при доток на информации, пропусти, превиди, доцнења, лоша координација, лоша концентрација, успорени мисли, губење на документи, расипување на апарати и техника, застој и казни во сообраќај, повторување или пролонгирање на проекти, лоша проценка за финансиски влогови, пропуштање на детали, испуштање на информации, ширење дезинформации, напразно зборење, ветувања без резултати, хаос во умот, хаос во сообраќајот…
Оваа ретроградна фаза Меркур ќе се наоѓа во Вага и своето движење го започнува од последната декада на знакот, каде што истовремено доаѓа во непријатен однос/аспект со Плутон. Овој однос во текот на првата недела од ретро Меркур ќе донесе потешкотии со новозапочнати политички процеси, како и неможност да се контролира „другата страна од законот“.
Поради присуството на Марс во истиот знак со Меркур, ќе треба да обрнете внимание да не иницирате правни/судски процеси, но поради добриот однос со Сатурн во исто време, овие три недели ќе бидат одлични за планирање, стратегија и истражување во тој правец. Запомнете, планирање и стратегија, не иницирање и преговарање.
Позицијата на Меркур и Марс во ист знак во оваа фаза ќе не натераат на принуден компромис (тука повторно помага Сатурн) и ќе ни помогнат да го разбереме подобро нашиот партнер (емотивен или бизнис партнер), претпоставен или кој било друг машки авторитет кој има импакт во нашиот живот. Со други зборови, еве ви прилика за оној компромис за кој често сакаме да збориме, но ни е тешко да го имплементираме.
Истата позиција ќе донесе ПРИВИД за зголемена тензија во сообраќај, но од мое искуство, ретрограден Меркур во Вага донел повеќе можност за „помирување“ отколку за конфликти. Сепак, бидете внимателни, затоа што Меркур директно управува со концентрацијата и можните недоразбирања во сообраќајот.
Истото важи и за емотивните врски. Вага е симбол за емотивна врска (не за емоција, туку за врска, за склучување партнерства), па така, во ова движење може да очекувате „враќање“ на некои недоразбирања со партнерот и истите треба да допуштите да бидат искажани. Можете да очекувате и „враќање“ на комуникација со партнер од минатото, но само во оние ситуации каде што останал простор за враќање.
Она што ќе ја олесни позицијата на Меркур во ова ретроградно движење е добриот аспект со Јупитер, каде што сите кои имаат недовршени студии (особено мастер), сите оние кои имаат какви било недовршени обуки, курсеви (особено оние благодарение на кои ќе заработите добро), административни процеси (имотни прашања, оставински постапки, делба на имот) и оние кои очекуваат поврат или исплата на задоцнети финансии ќе имаат далеку поголем успех во реализацијата токму сега, во овие три недели.
Ова ретроградно движење на Меркур најдобро ќе го поднесат оние кои се родени или имаат подзнак: Вага, Водолија, Стрелец и прва половина на Овен, а потешко ќе го почувствуваат: Јарци, Бикови, Ракови и Риби.
* Кога низ призма на Астрологијата ја анализираме ретроградноста на планетите, важно е да се запази во кој хороскопски знак се случува движењето. Степенот од кој поаѓа ретроградно и секако аспектите кои ги прави во текот на движењето.
*Оние кои во својата натална карта го имаат Меркур ретроградно поставен, ќе имаат помалку потешкотии со горенаведените карактеристики, од причина што со текот на живеењето со таа позиција, оваа категорија на личности се има постепено научено да управува со овој тип на планетарно движење, и она што е важно, е дека токму на нив им се понаклонети за планирање тие периоди.
*Имајте на ум дека секое планетарно движење не може да има идентично влијание на секоја индивидуа. Најдетален опис што секоја планета носи за поединецот, може да се добие со анализа на натална карта.
Она што е потребно е да бидеме претпазливи и секогаш да ја користиме позитивната симболика на планетарните движења, без да ни го контролираат секојдневието.
Ве сака Тамара до Јупитер.