Ретрограден Марс

Ретрограден Марс од 10.09.2020 до 14.11.2020

Марс своето ретроградно движење го започнува во Овен, со дополнително активирање на неповолен аспект со Плутон и Сатурн во Јарец.

Честопати наидувам на текстови како Марс, Сатурн и Плутон се лоши…

Не постојат добри и лоши планети, постои само лоша реакција на она на што тие сакаат да нè научат. Токму тоа и сè, учители, особено Сатурн. Е сега, тоа што не ви се учи или не ви се допаѓаат лекциите е веќе друга проблематика. Противењето и форсирањето на настаните во наредниов период е најлошото нешто што можете самите да си го направите. Вие, а не планетите. Тие се тука да ни дадат насока и да ни покажат каде грешиме. А секое негирање на споменатава состојба е само контраефект, на сопствена штета. Негирањето на ваквата состојба, дополнително не носи во илузија дека ги решаваме потешкотиите…

Автогол. 
Скок наназад.
Парализа на мислите. 
Немоќ и неможност за самоконтрола.

Нешто сте пропуштиле. Вратете се наназад. Ако не доброволно, ќе се враќате принудно и верувајте нема да ви се допадне. Расчистете го хаосот во сопствената глава, бавете се со сопствените проблеми, не со туѓите. 

Ретроградноста на Сатурн и Плутон е донекаде нивна природна состојба. Тие се ревизорите во нашиот живот. Во буквална смисла на зборот. Па она што не сте го сработиле како треба, она што сте го сокриле, она што сте го потиснале, она што грчевито го држите во вашиот живот (особено луѓе и настани) тие ќе го казнат. И сфатете ги сериозно во нивната намера.

Во случајот со Марс, нему ретроградноста воопшто не му е природна. Тоа е она чувство како животот ВАС да ве држи на гас и кочница истовремено. Ќе имате огромно количество на енергија, но истовремено неможност да ја процесирате. Ќе имате чувство на закоченост, дека немате каде, а не дека имате, барем не периодов. 

И каде брзате?

Марс во Овен во директно движење – носи директност, брзина, одлучност, заштита, здрава упорност, директен конфликт, отворен напад…

Но Марс во Овен во ретроградно движење носи недиректност, неодлучност, подмолност, зајадливост, завидливост…
Марс, богот на војната, архетипот на храброст и волја, секако не сака да се најде во позиција да се движи назад.

Ретроградниот Марс отсликува подготвеност за повлекување пред напад. 
Но деновиве тоа е напад од зад грб…

Марс ретроградното движење го започнува во Овен (крајно брз и чувствителен на неправда) и гради квадрат (неповолен аспект) со Сатурн и Плутон во Јарец (стагнација, кочница), каде што спомената чувствителност ќе резултира со избрзана реакција на неправдата која ни е нанесена или сметаме дека ни е нанесена. При што поради природата и аголот на аспектот нема да знаеме од каде опасноста доаѓа…

Ова не е поволно време да започнувате нешто ново. 

Ова е време кога кукавичлукот најгласно се слуша.
Ова е време кога криминогената структура излегува на површина. 
Ова е време кога ќе ги видите вистинските лица на оние кои се „секогаш тука“.
Ова е време кога треба да бидете претпазливи со новите познанства.
Време во кое треба да внимавате на оние кои ви нудат сојузништво. 

Време на бунт.
Потпалувачи на оган.
Потпалувачи на страст.
Погрешна процена.
Лоша процена…

Конфликт на жедта за правда (Марс во Овен) и жедта за спроведување на истата таа правда (Сатурн/Плутон/Јупитер во Јарец).

Снагата на ова моќно трио ќе ги разбуди оние кои долго време молчеле, оние кои се чувствувале угнетени и обесправени. 

Ова е време поволно да заземете став. Свој став.
Ова е време кога треба да успорите и разумно да реагирате.
Ова е време да планирате (Јарец), а планираното да го реализирате (Овен) откако ќе се „ослободите“ од овие два и пол месеци. 

Нека не ве чуди што ќе ви се враќаат луѓе од минатото без некоја „особена причина“.
Ова е време да расчистите со минатото и приказните кои останале недовршени. 
Ова е време кога треба мудро да ја канализирате насобраната енергија. 

Спортувајте.
Водете љубов.
Трчајте, но не бегајте!
Потпрете се на сопственото рацио.
Не повикувајте на зло.
Не брзајте во зло.

Влијанието на овој ретрограден Марс најинтензивно ќе го почувствуваат сите кои се хороскопски знак/подзнак Овен, како и сите во знак/подзнак Скорпија.

Влијанието на овој аспект дополнително ќе го почуствуваат оние кои биле во заблуда за ветените и почнатите нешта во периодот од Мај до средина на Јули оваа година.

За оние кои сакаат да учат:

* Марс е ретрограден на секои 26 месеци во времетраење од два и пол месеци.
* Секоја ретроградност не се одразува исто, затоа што не се случува секој пат во ист знак.
* Важна е природата на знакот во кој се наоѓа Марс за време на својата ретроградност.
* Во моментот кога го менува правецот на движењето се земаат предвид аспектите кои ги прави со другите транзитни планети.
* Важен е и степенот на кој се наоѓа Марс во моментот кога го менува правецот на движење.

* Ефектот на ова планетарно движење се чувствува на:
     –  глобално ниво: се мисли на настаните во светот, како и промените на кои не можеме да влијаеме.
     – индивидуален план: во тој случај се анализира поставеноста на Марс во вашата натална карта, во кое поле се наоѓаат знаците со кои владее оваа планета (Овен и Скорпија), кои полиња во наталната карта ги опфаќа ретроградноста, какви аспекти ќе прави со планетите во вашата натална карта, а најважно од сè, се зема предвид фактот дека некои луѓе се родени во време на ретрограден Марс, а тоа се оние кои најинтензивно ќе го почувствуваат секое негово ретроградно движење низ годините).

Астролошките текстови од овој тип треба да имаат за цел да ве информираат и предупредат, а не да ве вознемират додека читате. 

Влијанието на планетите не е идентично за секој поединец, сликата е попрецизна кога се анализираат аспектите во индивидуална натална карта. 

Слушнете го она што звездите сакаат да ви го кажат.
Земајте го она што Универзумот ви го подарува…

Ве сака Тамара до Јупитер…