Не сакам да бидам Рак во хороскоп
Ова е нагласен патријархат.
Ова е уште понагласен матријархат.
Ова е потреба за дом.
Ова е потреба да се гради тој дом.
Ова е потреба за семејство.
Но, најмногу од сѐ, ова е потреба за потомство.
Ова е симбол на куќа.
Ова е куќа која со свои раце е подигната.
Ова е секоја наследена куќа која како светост се чува.
Ова е куќа која секогаш е полна.
Ова е секоја куќа со ширум отворени врати за што повеќе луѓе да влезат.
Ова е секоја куќа кој слава слави.
Ова е куќа во која секој празник со душа се чека.
Ова е радост да се биде дома…
Кога гледаме во делот од астролошкото соѕвездие кое Ракот го осликува, гледаме во најсензитивниот појас во кој е насобрана сета добрина човекова, желбата да се биде полн со разбирање, желбата да се сака, но најмногу од сѐ, желбата да се сочувствува со другите. Иако оваа слика е реална, Раковите, заедно со Скорпиите се во една состојба во која се води „мртва“ трка околу тоа кој потешко простува, кој потешко заборава и кој потешко закрепнува од нанесените неправди и повреди (а малку им треба да се чувствуваат така).
Ова се оние ликови кои нема да се сетат минатата недела што правеле, ама затоа ќе се сетат што сте им кажале пред 15 години… без никаков проблем и до најситен детал.
Неспособноста да се ослободат од интензитетот на сопствените емоции, впечатоци, слики и сеќавањата од минатото прави голема разлика помеѓу Раковите и оние кои би се одмаздиле, но во исто време станува и нивно проклетство.
Добрата меморија е всушност нивното проклетство.
Неуморното жртвување за оние кои ги сакаат е нивно проклетство.
Очекувањата за вложените емоции е нивно проклетство.
Неможноста да ги пуштат оние кои ги сакаат е нивно проклетство.
А сакаат… Сакаат можеби како што никој не умее… Сакаат додека не се угушат во сопствената љубов… откако веќе ги угушиле оние кои ги сакаат.
Ова е непоправлива потреба да се присвојуваат нештата.
Ова е непрекидна желба да се зближува и приврзува со луѓе.
Ама ова се и сите напорни и мачни дискусии.
Ова се сите потрошени саати во утврдување кој е виновен, а кој не е.
Ова е и вечно незадоволство поради високо развиената свесност колку се „дале“.
Ова се сите родољуби.
Ова е генетика на патриоти.
Ова е и национализам.
Ова е и вечна тага по својот дом за оние кои морале да го напуштат.
Ова е непоправлив романтичар.
Ова е маж кој може само еднаш да сака.
Ова е маж кој себично сака.
Ова е маж кој ќе ги разбуди најдлабоките емоции од онаа која ја сака.
Ова е маж кој љубовта своја ќе ја напише.
Ова е маж за чија љубов и другите ќе пишуваат.
Ова е оној маж кој своето не го дава.
Ова е секој маж кој сопственото его и посед го слави.
Ова е маж кој секогаш повод да слави ќе најде… секако со полна чаша.
Ова е всушност маж кој мноооогу збори.
Ова се сите деца на Месечината… Сите оние кои во сон зборат, сите оние кои месечарат… Сите оние кои мака со вишок течности носат и често тој вишок течности низ солзи им оди… Ова се очи кои доброто во сите го гледаат. Ова се сите крупни очи кои во солзи може да се натопат во дел од секунда и на најмала навреда… Ова се сите оние кои од остри зборови се плашат… Ова се сите оние кои од остри предмети се плашат. Ова е цел еден имагинарен свет во потрага да се даде на оние за кои љубовта се негува…
Ова е плодна жена.
Ова е жена кај која потреба да раѓа од мали нозе постои.
Ова е жена која потреба за машко дете има.
Ова е жена која за својот пород живее.
Ова е жена чија душа е топла.
Ова е жена која душата своја на подарок ја дава.
Ова е жена полна со љубов.
Ова е жена полна со стравови за оние кои ги сака.
Ова е жена која управува со цел дом, со сопствената кариера, со својот живот, но и жена која во себе носи потисната потреба да управува и со животите на своите сакани…
Но ова се и сите оние кои гнев спрема сопствената љубов имаат. Гнев затоа што толку многу можат да сакаат. Гнев затоа што не знаат да заминат кога и коските од тага ги болат… Гнев затоа што цел живот се прашуваат дали некој како нив ќе знае да ги сака… дали некој како нив може да сака…
И, да, често ќе ги чуете како ќе речат: не сакам што сум Рак во хороскоп…
Ве сака Тамара до Јупитер…