THE COURAGE TO SAY NO

Прв знак, прво поле, прв тим, прва радост, првак, пионер, предводник, провокатор, пролет, почеток → Овен.

Кога би постоела единица мерка која одеднаш би измерила брзина, нагон, импулсивност, директност, избувливост, глад за докажување, жед за адреналин, акција, реакција – со сигурност би се викала Овен.
 

И прв ќе истрча, прв ќе истапи, прв ќе прозбори, прв ќе се јави, прв ќе помогне, прв ќе си отиде, прв ќе се заврти назад…. во последниов случај, ако збориме за машки претставник – ќе се заврти евентуално по добар женски задник, додека претставничките ќе се завртат само ако познаник ги повика, инаку потребата да се завртат наназад е апсолутно исклучена, а особено не во минатото…
 

И не губат време… реков време? Тоа како категорија во нивниот Универзум не постои, постои категорија простор во кој тие може да делуваат онака како сакаат по сопствена воља.

Некој ќе рече себични се, незадоволни се, бунтовни се, сурови се… Добро, не дека не се, ама потребата да се заштитат од евентуален пораз (а пораз е сè што не завршува според нивните очекувања) се рефлектира на ваков за нив сосема вообичаен начин. Подеднакво како што ги штитат оние кои ги сакаат.
 

Ова е вистина.
Ова е брутална вистина.
Ова е сарказам.
Ова е хумор кој за просечен човек е несфатлив.
Ова е интелект кој за просечен човек е далечен.
Ова е визија која за просечен човек е недостижна.
 

Исконска сила која и сама на себе е во состојба да си застане на патот без да се праша дали може да издржи. Ова се оние архитекти кое влегуваат во проект и без подготвен материјал. Ова се студенти кои кампањски учат а на испит делуваат како со месеци да не кренале глава од книга. Ова се и оние ликови кои гордо тврдат дека сами ја кројат судбината своја. Снага која се потпира само на атомите свои, па макар последни биле. Импулс на живот кој е за восхит. Енергија која безрезервно се дава. Крв која врие до последен здив. 

Авторитетите во астрологијата често огнените знаци ги поистоветуваат со оптимизам. А ова е оган кој не се гаси. Оптимисти се и Овните, само без некоја длабока вера, фаталисти уште помалку, суеверни најмалку. Овенот до последно верува во правда, но најчесто прв оди против неа.
 

Ова е освојувач.
Ова е дисциплина.
Ова е диктатура.
Ова е диктатор.
Ова е егоист.
Ова е еготист.
Ова е, во комбинација со Лавот суета.

Но ова е и оној лик кој прв ќе ви помогне без да бара признание за тоа…

И во секој од нив спие по еден Хитлер, чисто да знаете. Па сега, размислете колку ви е паметно истиот да го разбудите 😉 

Бргу се лути, побргу не може, ама исто толку бргу лутината му поминува, нормално затоа што моментално реагира. Кога ќе згреши (што е поприлично честа појава во налет на емоции и недостиг од самоконтрола) по брза постапка се поправа, но да ви признае нема, чувај Боже да се извини. А ќе познаете дека си ја сфатил грешката кога ќе почне да се однесува како мало дете кое знае дека ги избезумило родителите ама точно знае и како да ги смота околу малиот прст . 

И секогаш ќе има големи очекувања. Секогаш ќе има големи соништа. Доволно големи за никогаш да не се откаже од нив. Доволно силни да посакаат и други да го следат.
 

И разберете ги, мора да бидат први.
Разберете и дека не сакаат да губат.
Исто како што треба да разберете дека за да им го задржите вниманието треба да сте брзи и интензивни, во спротивно…. па пааа… Ги нема…
Мислам дека не постои нешто посимпатично од нивната брзоплетост,  истрчување и вечно детски темперамент. Како и тоа што во секого гледаат ривал и во сè гледаат борба. Па така ќе видите возрасен човек кој секојдневно подетинува и на кој не му е проблем со мало дете да си ги одмери силите (во игра, во спорт), нема тука попуштање и удоволување.
  

Такт – не постои.
Толеранција – на минимум.
Чекање – заборавете на оваа опција.
Сожалување – исклучено.
Страв – непознато чувство.
Страст – во секое време.
Адреналин – нивна движечка сила.
Љубов – … добро… сакаат и тие, само на поинаков начин.
Меморија – перфектна. 
Носталгија – нерегистрирано чувство.
 

Ова е личност која мисли и одлучува исклучиво со своја глава, со истата со која удира и во ѕид и макар крварела до бесознание, болката да ја признае нема.

Херој… Витез… Заштитник… Воин… Толку силен во очите на сите, а толку слаб во погледот на онаа која ја сака. Ова е и хероина која за љубов гине, но да се покори за љубов нема.
Замислете слика во која една личност трча, трча брзо, трча обезглавено, како ѓавол да ја гони. Трча во страв дека ако застане, тлото под нејзините нозе ќе исчезне. Идентично како на цртаните филмови кога ликовите стануваат свесни дека немаат тло и паѓаат во истиот момент кога застанале да погледнат каде се… Замислете си… 
 

Е па Овенот нема никогаш да застане…

Ве сака Тамара до Јупитер…

Facebook
Twitter