Веселата страна од животот која Близнаци се вика

Ова е забавната страна од животот.
Ова е незапирливата страна од животот.

Ова се сите насмеани деца.
Ова е детски џагор.
Ова се сите деца кои низ игра животот го гледаат.
Ова се сите кои во душата се деца.
Затоа се ова младолики луѓе.
Но, ова се и сите кои страв од старост длабоко во себе носат.

Ова се сите патишта кои кон школо водат.
Ова се сите оние кои до последен здив учат. 

Улица, пат, автопат, паркинг, сообраќај, сообраќајни знаци, улица која име на научник носи, тротоари и шеталишта преполни со пешаци кои на телефон зборат или во телефон гледаат… Симболи и “знаци покрај патот“.. Па оттука и способност за толкување на симболиката која на тие “улици“ ја среќаваат. Симболика на потреба и воља за движење. Ова се сите оние кои уживаат да патуваат. Ова е добра моторика. Добри рефлекси. Вештина на убедување. Вештина да секој облик на комуникација биде претворен во извор на знаење. Уметност да секоја информација биде претворена во желба за знаење.  

Професор, интелектуалец, истражувач, вечен студент, брз интелект, брз говор, библиотека, книга, изобилство од книги,  човек кој чита книга додека патува, човек кој цел живот патува…. патепис, патеписец, текстописец, сите претставници на седмата сила, но најчесто оние кои од странство известуваат. Биографија, автобиографија, автор, автограм, потпис, но хаотичен ракопис… Ова се сите оние белешки кои не можете да ги разберете. Ова е несвесна потреба за збор… Но затоа, свесна потреба да се биде реален и моќ над реализмот да се има. Ова е потреба да се биде јасен, концизен, прецизен, но најмногу од сѐ, да се биде брз. Ова се сите оние со кои комуникацијата е стимул за учење. 

Ова е здрава генетика.
Ова е генетика на интелектуалци.
Ова се потомци на сите кои глад за информација поседуваат.
Ова се потомци на сите оние кои тие информации мораат да ги пренесат.
Ова се генерално луѓе кои поседуваат и пренесуваат еден тон информации.
Ова е фасцинираност од сѐ што рациото го предизвикува. 

Кога гледаме во еден Близнак гледаме во немирен дух, немирен темперамент, немирен поглед, но бистар ум. Гледаме во човек кој е во состојба со часови да збори, да ве затрупа со информации, притоа не оставајќи ви многу простор да кажете нешто, но не затоа што не ве почитува, туку од страв да не го прашате да збори за себе. 

Кога гледаме во еден Близнак, не гледаме дволичен човек, туку борба на дуалитет во неговата природа. Борба меѓу две личности кои во себе ги носи. Борба меѓу она дете кое мрази да биде само, па редовно влече некого покрај себе и она дете кое мрази галама и бука, па има потреба од светот да се сокрие.  

Кога гледаме во еден Близнак, знаеме дека во секое време ќе добиеме практичен совет. Добро, ќе добиеме повеќе совети. Ќе видиме математички ум и подвижен планер. Ќе видиме човек кој додека дише памти бројки, датуми, имиња, настани… Ќе видиме човек кој секогаш има што да ви каже.  

Ова е жена која љубовта на илјада начини ќе ви ја каже, без да ви каже дека ве сака.
Ова е жена која љубовта на хартија ќе ја преточи.
Ова е жена која нема проблем да создава потомство додека учи и студира.
Ова е жена чија амбиција е образувано потомство да има. 
Ова е жена која во исто време вози, збори на телефон, се шминка и прави план за цела недела.
Ова е жена со тенки и нежни, но вешти раце.
Ова е жена која секогаш ќе му даде предност на интелектот.
Ова е жена која со радост купува и подарува книги.
Ова е жена полна со живот.
Ова се честопати две жени кои се надзборуваат.
Ова се честопати и двајца мажи меѓу кои се двоумат. 

Ова е желба за забава.
Ова се забавни луѓе.
Ова се сите интелектуални игри.
Ова е и интелектуална расправа.
Ова се оние без кои добрата забава е незамислива.
Ова е слика на возрасен човек кој со деца се игра.
Ова е слика како истиот тој човек не им попушта на децата додека се игра, затоа што така му е забавно.
Ова е слика на човек кој мами додека игра затоа што така му е забавно.
Ова е слика на човек кој доживотно има потреба да закача некого затоа што така му е забавно. 

Кога гледаме во еден Близнак гледаме во веселата страна од животот.

Ве сака Тамара до Јупитер

Facebook
Twitter